Народната банка во ноември ќе излезе со попрецизна проценка за растот на економијата, иако во измининатиот период не се забележани позначајни отстапувања во однос на проекцијата за 3,5 отсто економски раст. Во тек е новиот циклус на макроеконмските проекции во кои излегуваат нови индикатори што иако засега не се многубројни, покажуваат дека продолжува растот на нашата економија.
Ова го истакна гувенерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во емисија „24 тренд анализа“ на ТВ „24“ во која посочува дека инфлацијата же биде пониска од очекувањата на што упатуваат досегашните остварувања.
За странските директни инвестиции потеницра дека е позитивно тоа што приливот на сопственички капитал е поголем од приливот минатата година, кога е остварено едно од највисоките нивоа на странски директни инвестиции кај нас.
Ангеловска-Бежоска нагласи дека постепеното стабилизирање на буџетскиот дефицит во нашата економија на пониски нивоа, значи и помал притисок врз јавниот долг, односно дека со тоа се креираат услови за негово постепено намалување.
Таа се осврна и на бруто надворешниот долг, за што рече дека е значајно што во изминатиот период, тој веќе се стабилизира, при што според податоците за првиот квартал од оваа година се забележува негово натамошно намалување и тој изнесува 71 отсто од БДП.
– Но, не е важно само нивото на задолженоста, туку важна е и структурата на надворешниот долг, при што треба да се има предвид дека клучен сегмент на неговата структура се и странските директни инвестиции што доаѓаат во должничка форма. На нив и на трговските кредити што се сметаат за поквалитетни и постабилни категории долг отпаѓа 40 отсто од надворешниот долг на земјата, што претставува фактор за поголема стабилност. Стабилна компонента на надворешниот долг претставува и фактот што тој доминантно е долгорочен, додека само околу една четвртина од долгот е краткорочна, оцени гувернерката на Народната банка.
Таа порача дека е важно во натамошниот период да се работи на постепено намалување на надворешниот долг. Гувернерката притоа ги појасни и методолошките аспекти на анализата на нивото на задолженост, при што истакна дека само според еден критериум на Светската банка, нашата економија го надминува нивото на умерена надворешна задолженост, а дека според сите други критериуми, нивото на нашата надворешна задолженост е ниско.
Во дискусијата, Ангеловска-Бежоска порача дека на долг рок, важно е да има конзистентен раст на платите и на продукивноста.
Гувернерката се осврна и на очекуваните ефекти за економијата од натамошно забрзување на евроатлантските интеграции на нашата земја.
– Очекувам дека забрзување на евроатлантските процеси позитивно би влијаело на севкупната макроекономска стабилност во земјата. Анализираните искуства на другите економии што минале низ таква фаза, покажуваат дека влезот во НАТО и/или засилувањето на преговорите со ЕУ имаат позитивни ефекти, истакна Ангеловска-Бежоска.
Таа посочи дека тие ефекти можат да се согледаат преку позначајни странски директни инвестиции што влегуваат во економијата, како и други капитални текови во платниот биланс.
– Влезот на поголем капитал од надвор има мултипликативни ефекти врз економијата – тоа значи поголема монетизација, повеќе депозити, поголем расположлив финансиски потенцијал во самата економија… Ако има поголем расположлив финансиски потенцијал, тоа може да даде импулс за позначаен економски раст. Може да се очекува дека забрзувањето на евроатлантските процеси би придонело за приливи во форми и на други типови текови во економијата и генерално за попозитивни перцепции, не само кај странските, туку и кај домашните инвеститори, рече гувернерката.