Приходите во аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија, од година во година се во опаѓање. Радиодифузерите лани оствариле приходи во износ од 2.451,65 милиони денари, што во споредба со 2017 година, бележат пад од 6,03 проценти и воедно се најниски приходи во последните пет години.

Тоа го покажуваат наодите од анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018 година, објавена денеска на третиот јавен состанок на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

Анализата го опфаќа економското работење на јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните телевизии и радија, како и податоците од мерењата на телевизиската и радиската публика.

На состанокот на АВМУ беа промовирани новите инфографици за медиумска писменост – Зад насловите и Зад „лажните вести“, кои во оригинален формат на англиски јазик ги подготви Меѓународната организација ЕАВИ. Во едниот инфографик се прикажани насоки за препознавање на различните видови заведувачки вести, како што се вести кои се мамка за кликнување, спонзорирана содржина, пропаганда, дезинформации, измислици и слично. Во вториот инфографик, пак, е прикажана игра со едукативна содржина наменета за проверка на вестите на интернет – валидност на датумот на објава на содржината, дали се идентификувани авторите или се користат псевдоними и слично. Со цел да станат достапни до што поголем број граѓани, Агенцијата ги отпечати на македонски и албански јазик.

На третиот јавен состанок за годинава директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно со Годишната програма за работа во изминатото тромесечје – спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените анализи, активностите на полето на меѓународната соработка.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2019 16:21