Министерот за транспорт и врски Горан Сугарски не одговори кој ќе ја сноси одговорноста ако шпанската компанија „Рубау конструксионес“ - која го раскина договорот со македонското претпријатие за улици и патишта, ја добие арбитражата во Загреб и бара огромна сума оштета од државата. Наспроти ова Сугарески нагласува дека шпанската компанија во неколку наврати била опомената дека треба многу ефикасно да работи на изградбата на експресниот пат од Фариш до Дреново, но тоа не го спровела.
-Исто така требаше да даде план и програма за работа, а и тоа ништо не е направено. И заради неефикасност и заради недавање, и заради напуштање на градилиштето - што не постои како пракса никаде во светот. Ќе се води арбитража во Загреб, ангажирани се адвокатски куќи и од „Рубау“ и од Јавното претпријатие за државни патишта и се надевам дека во најбрз временски период тоа ќе заврши во корист на државата. Но сакам да кажам дека 35 проценти од патот во тој дел е направен, во моментот се работи на останатите 65 проценти проектирање, и собирање на сите потребни материјали со цел да се распише тендер, па тој пат да продолжи со изградба. Исто така тука сакам да најавам дека тој пат од 10 километри во најскоро време ќе се заврши, вели Сугарески во интервју за телевизија Алфа.
Тој не сака да зборува за тоа кој би понел одговорност ако сепак шпанската страна победи во спорот.
-Апсолутно сметаме дека државата односно, јавното претпријатие државни патишта кој што е склучувач на договорот е во право , затоа што ги имаме сите аргументи на наша страна. Односно не сакаме да разислуваме дека еден таков спор на арбитража би изгубиле, вели Сугарески.