Со два производствени капацитети, логистичко-дистрибутивен центар и 480 вработени, компанијата за производство на сувомеснати производи „Пекабеско“ годинава го одбележува 40-годишниот јубилеј.
Во јубулејната 40 година од постоењето, компанијата има остварени приходи во висина од 78 милиони евра, и профит од приближно два милиони евра.
Формирана е на денешен ден во 1979 година кога почнува со десетина вработени за денеска да прерасне во лидер во производството на сувомеснати производи и логистичко-дистрибутивната дејност.
– Пекабеско во својата децениска традиција перманентно инвестира и гради стратегија на постојан раст и развој. Во 1998 година го гради првиот мал погон за производство на сувомесни производи под брендот на Пекабеско, а веќе пет години подоцна се соочува со потреба од проширување на производствените капацитети. За таа цел, во 2003 година, компанијата гради нова, поголема фабрика за производство на сувомесни производи во Шуто Оризари која има производствен капацитет од 260 тони месечно. Како резултат на успехот на својот бренд кој за кратко време достигна одлични резултати и препознатливост на пазарот, во 2012 година, Пекабеско инвестира 13 милиони евра и го отвора својот досега најголем производствено-логистички центар во Кадино, Илинден со површина од 19.700 м2 и капацитет на производство од 1.050 тони месечно. Вклучувајќи ја оваа инвестиција, Пекабеско, само во изминатите седум години, има вложено околу 20 милиони евра. информираат од „Пекабеско“.
За да пристапи кон финализација на процесот на производство од набавка на суровина до финален производ под еден кров, во 2018 година ја основа лабораторијата за техничко испитување и анализа „ТИМКО ЛАБ“. Компанијата ги има имплементирано HACCP и Халал стандардот, како и меѓународниот стандард ISO 22000: 2005. Добитник е на признанието SUPERBRANDS.
Производите под брендот Пекабеско, покрај во Македонија, можат да се најдат и на пазарите во Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Годинава, Пекабеско доби и европски извозен број и работи на проширување на дистрибутивната мрежа на пазарите во земјите-членки на ЕУ.
Компанијата како општетствено одговорна има инвестирано и во низа проекти од доменот на јавно-приватно партнерство. Со вложување на 300 илјади евра за изградба на прочистителна станица, од 2017 година врши прочистување на отпадните води кои се испуштаат во текот на производствениот процес, а инвестира и над 350 илјади евра за изградба на фотоволтаична централа од 512 kWh. Годинава, во Шуто Оризари има одвоени над 125 илјади евра за изградба на надворешна атмосферска канализација во должина од околу 250 метри, атмосферска канализација во кругот на фабриката од 120 метри, како и асфалтирање на надворешна улица со должина од речиси 250 метри.