Со тренд на зголемување на бројот на туристи и на ноќевања и со најава за отворање на нови туристички капацитети денеска е одбележан Светскиот ден на туризмот.

Од Министерството за економија, под чија надлежност е овој сектор, се задоволни од досегашниот раст на туризмот, но велат дека ќе продолжат да креираат подобри услови за привлекување на што повеќе странски и домашни туристи.

– Последните години имаме значителен раст на туризмот и на овој сектор кој е многу важен за развојот на економијата и за девизниот прилив. Како држава постојано ќе работиме на тоа да креираме уште подобри усови за да привлекуваме што повеќе странски и домашни туристи. Иако лани ја поминавме бројката од еден милион туристи, нема да застанеме тука и ќе продолжиме да градиме нови капацитети имајќи предвид дека во нашите туристички дестинации во туристичката сезона нема доволно капацитети да ги примат сите туристи кои сакаат да ја посетат нашата земја, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши кој присуствуваше на доделувањето на признанија за најуспешните туристички агенции.

Задоволен од досегашната реализација на мерките кои се насочени кон развој на туризмот, Бектеши очекува годинава да биде надмината минатогодишната бројка на туристи и ноќевања.

Инаку, Предлог-измените на Законот за туристичка дејност е испратен до Влада и најверојатно во него како опција ќе биде предложена банкарската гаранција наместо осигурителната полиса која ќе се бара со цел да се намалат измамите што некои туристички агенции ги прават со клиентите.

– Мислам дека ќе остане банкарската гаранција имајќи предвид дека разговаравме со сите осигурителни компании во државата и тие не беа подготвени да даваат такви полиси. Моментално чекаме мислење од страна на Министерството за финансии за да може да го усвоиме овие законски решенија, изјави Бектеши.

Моментално се работи и замена на постоечкиот модел на субвенционирање на туристички агенции и тур оператори што носат странски туристи. – Веќе сме во разговори и со ХОТАМ кои доставиле некакави предлози. Ние ќе ги разгледаме во најкраток рок и ќе излеземе со нов модел на субвенционирање, најави министерот Бектеши.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2019 13:31