Откупот на пиперката „куртовска капија“ се одвива без проблем, цената е на ниво од минатата година, се пласира најмногу на европските пазари и се очекува откупот да заврши за 10 дена.
Ова го соопштија откупувачи на земјоделски производи од струмичкиот регион на средба со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ кој беше во работна посета на Струмичко.
Како што соопштуваат од инспекторатот, тој се сретнал и со преставници на подрачната единица при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Струмица, како и земјоделските и фитосанитарните инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство, при што се разговараше за идните планови и активности.
Директорот Шапуриќ, го посети граничниот премин Ново Село, и се информираше за тековните активности при функционирањето на фитосанитарната инспекција. На крајот на посетата е остварена и средба со градоначалникот на Општина Струмица Коста Јаневски.