Со вкупна меѓусебна трговска размена од 261 милион американски долари во 2018 година или над 2,4 милијарди долари од осамостојувањето до сега, може да се каже дека имаме одлична економска соработка со Словенија, но сепак има можности за натамошно зголемување, покажуваат резултатите од анализата направена од Стопанската комора на Македонија.

Според анализата, постои можност за продлабочување на соработката во делот на железо и челик, металната индустрија, калапите, доломитите, мермерот, травертинот, лековите и медицинските помагала и пекарските производи.

-Одлично е кога има добра основа да направиш нешто повеќе за да се подобри и онака добрата размена меѓу двете држави која укажува на квалитетот на словенечките и македонските производи кои можат да бидат конкурентни и на трети пазари. Стопанствениците апелираат за размена од половина милијарда евра на годишно ниво меѓу двете земји што е остварливо и треба само владите на двете земји да работат на тоа поле, порача словенечкиот амбасадор Милан Јазбец на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.

Тој посочи дека стоковата размена меѓу двете земји изнесува помеѓу 315 и 320 милиони евра на годишно ниво и бележи раст од 10-тина отсто во последните 10 години. Во земјава, како што кажа, има речиси 330 милиони евра директни странски инвестиции од Словенија од кои 30 милиони евра се инвестирани годинава, што е рекордна сума досега. Најави дека словенечки ТАБ ќе вложи 25 милиони евра за проширување на своите капацитети во ТАБ МАК во Пробиштип, ЛТХ во Леарница Охрид,… и додаде дека во двете словенечки групации „Тргилав осигурување“ и „НЛБ банка“ најуспешни се македонските подружници.

В.д. извршниот директор на Стопанската комора на Македонија Билјана Пеева Ѓуриќ истакна дека досега не е доволно направено за зголемување на трговската соработка меѓу двете земји, особено во делот за нашиот извоз во Словенија.

-Од 82 милиони долари во 1992 година македонскиот извоз во Словенија опаѓа на 26 милиони во 2000 година за повторно да почне да расте и да достигне до 92 милиони долари во 2018 година. Македонскиот извоз во Словенија е сконцентриран на неколку производи од земјоделско-прехранбениот сектор и металната и електро индустријата, рече Пеева Ѓуриќ.

Дури 1.047 компании од Словенија, посочи, извезуваат во земајва, а само 447 македонски компании извезуваат во Словенија.

-Словенија има годишен извоз од 28 милијарди евра што го реализираат 8.000 компании, а Македонија има извоз од пет милијарди евра што го спроведуваат 3.000 претпријатија или помалку пет отсто од вкупниот број деловни субјекти во земјава. Во иднина треба да се работи на заедничко производство на словенечки и македонски компании кои имаат компатибилни техничко-технолошки капацитети и заедно би можеле да настапуваат на трети пазари. Потребно е и почесто да се организраат директни средби меѓу стопанствениците кои ќе бидат во насока да ја зголемат соработката, потенцира Пеева Ѓуриќ.

Според неа, посбено корисно за нас ќе биде продлабочувањето на соработката во земјоделскиот сектор каде може да се користат словенечките искуства во користењето на европските фондови, како и во туризмот и туристичката инфраструктура и кристењето на начините како Словенија успеа да развие различни видови на туристички услуги и да стане препознатлива дестинација за бањски туризам и како зелена и еко дестинација.

Иако имаме речиси иста територија Словенија од секогаш имала пет пати поголем животен стандард, бидејќи станува збор за високоразвиена индустриска земја. Словенија има за 320 отсто поголем БДП од земјава, а таа разлока била и во 1992 година кога ние сме имале БДП од 6,3 милијарди американски долари, а Словенија 26,6 милијарди.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2019 17:07