Стопанската комора на Македонија бара да се зголемат средствата од Буџетот за инвестиции во образованието од сегашните 3,7 проценти од БДП на пет проценти од БДП. Со повеќе буџетски средства за образованието ќе се одвојуваат повеќе пари по ученик, ќе се инвестира повеќе во условите за подобрување на образовниот процес и ќе се зголемат платите на наставниците како најодговорни за создавање образован и стручен кадар што може да повлече економски развој и раст на државата.

Средствата што сега се одвојуваат, велат од Комората, не само што не се доволни, туку се и далеку од просекот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

– Доколку државата сака да има квалитетно образование кое ќе испорачува стручни и квалитетни кадри мора да ги зголеми инвестициите во образованието. Со образованието не смее да се експериментира ако сакаме да имаме економски развиена и богата држава, рече денеска на прес-конференција Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.

Образложувајќи го барањето за зголемување за 50 проценти на средствата што се издвојуваат сега, Јаневска наведе дека од 2011 до 2016 година трошоците за образование во државата како процент од БДП се намалиле од 4,6 на 3,7 отсто. Просекот на земјите во ОЕЦД е пет проценти од БДП, а нашата земја, посочи Јаневска, одвојува за 25 проценти помалку средства од тој просек. Словенија одвојува 4,3 проценти од БДП или 14 отсто помалку од просекот на ОЦЕД, а Финска 5,7 проценти од БДП или 35 отсто повеќе од одвојувањето што го прави нашата држава во однос на БДП.

Според Јаневска, нашата држава многу малку инвестира во образованието по ученик која што во основното образование лани изнесувало 995 долари, во средното 1.355, а во високото образование 1.198 долари. Просекот во ОЕЦД изнесува 8.500 долари во основното, 10.100 долари во средното и 15.500 долари по ученик во високото образование.

Јаневска потенцираше дека врвен приоритет на државата треба да биде привлекување на најдобрите наставници во професијата со оглед дека имаат клучна улога во животот на учениците што потоа се одразува и на иднината на општеството во целост. За да се постигне тоа, како што рече, треба да бидат обезбедени повеќе предуслови за кариерен развој и за работните услови, а не помалку важно е и вреднувањето на нивната работа.

Според податоците од Државниот завод за статистика, лани реалната исплатена нето плата во основното образование изнесувала 394 долари, во средното 445 долари, а во високото образование 626 долари.

– Споредено со просекот за плати во ОЕЦД кој изнесува 3.075 долари за наставниците во основно образование, а 3.384 долари во средно образование, нашите наставници земаат 2.681 долар помалку во основното и 2.393 во средното образование, рече Јаневска, потенцирајќи како пример дека нашите наставници во основно земаат 2.008 долари помалку од нивните колеги во Словенија, односно 2.502 долара помалку од тие во Финска.

Освен плата единствени дополнителни средства кај нас кои наставникот може да ги добие се средствата доколку прифати да биде ментор или одделенски раководител за што добива 2.914 односно 1.400 денари во основно училиште и 3.042 денари односно 1.480 денари во средно училиште.

Сегашниот просек од БДП, што се издвојува по однос на ученик е многу малку, исто како и за платата на наставникот кадар, имајќи предвид дека тој треба да напредува кариерно, да оди на обуки, да се досуовршува, да ги подготвува и води учениците низ целиот обртазпвен процес. Комплексна и сложена е работата на наставникот. Платата што ја зема сега е многу малку во однос на тоа што го дава и тоа што треба да го произведе понатаму како кадар за иднината, рече Јаневска.

Одговарајќи на новинарски прашања таа истакна дека синдикатот треба да преговора за износот на покачувањето на платите.

– Во инвестиции во образованието се подразбира опремување, изградба и реконструкција на улилишта, опремување на лаборатории, посебно кога стопанската комора инсистура дека треба да се воведе дуалното образование односно учлениците да се подготвуваат практилчно за да имаме стручни и оспособени кадри. Тука влегуваат и ученичкиот и студентскиот стандард, изградба на домови, целиот наставен процес. Тоа е сложен процес којшто навистина бара инвестиции ако сакаме да имаме квалитетно образование, појасни Јаневска.

Таа најави дека комората дополнително ќе ја претстави својата визија како треба да се врши уписот на педагошките факултети, кои, потенцираше, треба да бидат реномирани факултети коишто ќе образуваат квалитетни наставници, а кои понатаму ќе ги водат учениците.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2019 14:01