Пратениците попладнево ја продолжија расправата по Предлог дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2019 година што најмногу може да трае пет дена. Расправата ќе продолжи и утре. Според предлогот на Владата, со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.

Министерката за финансии Нина Ангеловска во своето обраќање рече дека целта на ребалансот е да се алоцираат средства онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти. Дополнетиот предлог што е пред пратениците ги содржи деветте амандмани што беа прифатени на расправата по Предлог ребалансот во собраниската матична Комисијата за финансирање и буџет, кои главно опфаќаат реалокација помеѓу веќе утврдените ставки во рамки на почетните проекции.

За пратениците од опозицијата ребалансот е популистички, а за оние од власта, пак, е развоен и ќе помогне за поголема реализација на капиталните инвестиции.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски порача дека говорот за ребалансот на министерската за финансии Нина Ангеловска е потполно ист како на Комисијата за финансирање и буџет и обвини дека со рабалансот се финансираат краткорочни популистички, наместо долгорочни развојни проекти.

-За подобар живот се потребени капитални проекти, а годинава се влезе во популизам, бидејќи Владата ги манипулира граѓаните и вели дека ги враќа парите кај нив. Прибира повеќе пари од граѓаните за потоа да каже дека ги враќа кај нив. Ако сака да им враќа пари, треба да ги намали даноците, а наместо тоа ги зголемува и прибира повеќе пари од нив, а потоа наводно им ги враќа, рече Мицевски.

Тој посочи дека власта е свесна оти нема реализација, но продолжува со популистичките мерки.

-Ниту имаме развоен ребаланс, ниту, пак, имаме напредок во економијата, туку се наоѓаме во состојба да се спаси што може да се спаси преку разноразни популистични мерки кои на крајот ќе завршат на главата на граѓаните, посочи Мицевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2019 21:59