Претставниците на телото за управување со ИПАРД фондовите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во рамки на едукативната кампања за ИПАРД Програмата 2014 – 2020, организираат инфо денови во општините Сопиште и Петровец.
Претставниците од овие две институции ќе ги информираат земјоделците, фирмите и други заинтересирани за процедурите за конкурирање за мерките од ИПАРД 2 Програмата. Во Сопиште денеска ќе биде претставена мерката 7, а утре во Петровец ќе бидат претставени мерките 3 и 7.
– Целта на овие инфо денови е да се поттикне интересот, да се запознаат заинтересираните со постапката за аплицирање и за бенефитите од новоотворенииот јавен повик за користење средства од ИПАРД за „Диверзификација на фармите и развој на бизниси“, соопшти Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во рамки на едукативната кампања за ИПАРД 2014 – 2020 го објавија јавниот повик 01/2019 за корисење средства од ИПАРД за мерка 7 „Диверзификација на фармите и развој на бизниси“. Самата финансиска поддршка за овој повик е составена од 75 проценти средства обезбедени од ИПАРД и 25 отсто од буџетот на државата. Финансиски средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка во износ од 65 проценти од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за меркаата „Диверзификација на фармите и развој на бизниси“.
– Во претходните повици за мерка 1 и мерка 3 се покажа голема заинтересираност. За мерка 1 биле поднесени 1.099 барања, а од Агенцијата очекуваат да склучат 800 договори и да се контрактираат околу 10 милиони евра. За мерка 3, „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, биле пристигнати 64 апликации и моментално има склучено 31 договор. Конкретно во цел овој програмски период на ИПАРД 2 се потпишани договори во вредност од 25,7 милиони евра, средства кои веќе се ставени на располагање, стои во соопштението.
Заинтересираните повеќе информациите можат да добијат на телото за управување со ИПАРД фондовите, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.