Собранието втор ден расправа за Дополнетиот предлог ребаланс на Буџетот за 2019 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, вкупните расходи се утврдени на износ од 228,2 милијарди денари, а дефицитот останува непроменет и е позициониран во износ од 17,7 милијарди денари. Со ребалансот се предвидува намалување на приходната и расходната страна за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто, се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 3,5 отсто.

Пратениците од власта порачаа дека ребалансот е развоен и ќе помогне за поголема реализација на капиталните инвестиции, како и за пренасочување средства кон граѓаните, за опозицијата, пак, е популистички и служи за купување мир и со него се финансираат краткорочни на сметка на долгорочни проекти.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека ребалансот е неразвоен, неодржлив, коцкарски и хазардерски.

Тој во своето обраќање имаше замерка што министерката за финансии Нина Ангеловска не е присутна на денешната собраниска седница за да го брани ребалансот исто како што не беше и на комисијата, а тоа, како што рече, го покажува односот што го има Владата кон пратениците.

-Нејзиното неприсуство покажува дека одлуките не ги носи министерката, туку некој друг во Владата, рече Димовски.

Неговата сопартијка Ане Лашкоска истакна дека Буџетот за 2019 година и досега имаше катастрофална реализација, а провидна е, како што посочи, и намерата што ја има власта со ребалансот.

-Се намалуваат средствата што во Буџетот беа наменети за инфраструктура, образование, животна средина,…, а Владата со ребалансот ќе се обиде да купи привиден мир, рече Лашкоска.

Според неа, ребалансот е доказ дека институциите не функционираат.

Панчо Минов од ГРОМ порача дека една од главните причини за ребалансот е субвенционирањето на платите, мерка за која смета дека ќе биде широко прифатена и предлага да биде законско право.

-Некои ја сметаат оваа мерка за популизам. Нека е и популизам ама е добро што се даваат средства за зголемување на стандардот на вработените, рече Минов.

Тој ги поздрави и мерките што се нудат во земјоделскиот сектор, како и зголемувањето на средствата за лозарството во износ од 120 милиони денари.

-Тоа е резултат на разбирањето што го имаат премиерот и Владата за проблемите на лозарите, потенцира Минов.

Диме Велковски од СДСМ појасни дека суштината на ребалансот е да се алоцираат средства таму каде што ќе се потрошат до крајот на годинава и додаде дека најмногу средства се алоцираат за гасификација на земјава.

-Со ребалансот се даваат повеќе средства кај граѓаните, се дава силна поддршка на стопанството и за отворање нови работни места и се дава можност за покачување на платите, рече Велковски.

Тој посочи дека сите меродавни финансиски институции во земјава и во светот го ревидираат во позитивна насока растот што и беше предвиден на државава за годинава и изрази надеж дека до крајот на годинава ќе достигне од 3,5 отсто.

Расправата ќе продолжи по редовната попладневна пауза. Најмногу може да трае пет дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2019 15:23