Економијата и во периодот јули-август покажува натамошен раст, со поповолни поместувања во индустријата, трговијата и градежништвото, во однос на претходното тримесечје, заклучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на редовна седница, која оцени дека монетарната поставеност е соодветна и оти каматната стапка на благајничките записи се задржува на ниво од 2,25 отсто.

Како што наведуваат во денешното соопштение, остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите девет месеци од годинава изнесува еден отсто при што растот на цените е помал од очекуваниот, а ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 1,5 отсто засега се оценуваат како претежно надолни.

Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со втората декада на септември упатуваат на можност за остварување малку повисоки нето-приливи од приватни трансфери во однос на проектираните за третиот квартал. Девизните резерви на крајот на септември се повисоки во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.

Депозитите и кредитите, според првичните податоци за септември, покажуваат натамошен раст на годишна основа и согласно априлските проекции. Ликвидноста на банките е зголемена главно како резултат на интервенциите за откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка. Народната банка, како што наведуваат, во септември откупила 124,7 милиони евра, во услови кога банките трет месец по ред остваруваат нето-откуп на девизи во трансакциите со нивните клиенти. Појаснуваат дека високиот месечен износ врз основа на интервенции во еден дел е остварен во услови на зголемена нето-понуда на девизи од нерезиденти. Покрај овие движења, за високиот месечен износ на интервенции на Народната банка придонесе и активниот пристап на управување со девизната ликвидност од страна на банките, со оглед на негативните приноси на меѓународните финансиски пазари. Откупот на девизниот пазар е продолжен и на почетокот на октомври, при што збирно од почеток на годината заклучно со 7 октомври, Народната банка има откупено 366,45 милиони евра.

Во услови на висока денарска ликвидност во банкарскиот систем, од Народната банка посочуваат дека банките имаа умерена потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити и оти тие и натаму го насочуваат вишокот слободни денарски парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, кои овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/10/2019 13:59