Резултатите од анкетата за работењето на фирмите во првите седум месеци од годинава, направена од Стопанската комора на Македонија на почетокот на септември врз репрезентативен пример од 200 компании од различни дејности од кои некои се со над 1.000 вработени а во врска со промената на даночната политика и воведувањето на прогресивното оданочување на данокот на личен доход покажуваат дека 23 отсто се произнеле дека променетата даночна политика влијае врз промена на нивните деловни одлуки и тоа во насока на одложување на планирани активности за инвестирање во реновирање на објекти,…
-Дел од компаниите биле принудени да ги намалат трошоците преку намалување на бројот на вработени, а добар дел на компаниите од ИТ секторот рекоа дека промената во даночната политика предизвика зголемување на цените на услугите во дејноста, бидејќи имаат зголемени трошоци за плата и за надворешни соработници, рече Анета Димовска од Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција.
Таа посочи дека во првите седум месеци од годинава најголемо зголемување на наплатата на даноци има кај приходите од имот и имотни права, односно од закуп и подзакуп за 62,9 отсто, кај приходите од земјоделство и шумарство зголемувањето е 62,7 отсто, а кај плати и други примања има раст од 9,4 проценти или за 1,4 милијарди денари повеќе од лани.
-Врз основа на јавно достапните податоци не може да се утврди колкав дел од овој раст се должи на воведувањето на прогресивната стапка од 18 отсто, а колку на растот на платите, бидејќи во првите седум месеци нето платите пораснаа за 3,6, а бруто платите за 4,8 отсто. Покрај тоа се зголеми и стапката на вработеност, појасни Димовска.
Кај приходите од капитал, посочи, забележан е раст од 3,5 отсто, кај приходите од капитални добивки има намалување на приходите од 37,7 отсто.