По повод 15 октомври – Меѓународниот ден на руралната жена, кој традиционално го организираат Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој и Шведската организација за развој We Effect, денеска ќе се одржо јавна дискусија „Сопственоста на земјоделското земјиште и имот – предизвик за руралната жена“. Целта на настанот е да се дискутираат предизвиците и можностите за подобрување на социјалната и економската положба на жената од руралната средина.

На одбележувањето на овој ден, кој има за цел да ја истакне улогата на жената за развојот на земјоделството и руралните средини ќе присуствуваат жени од руралните средини на земјава, гости од Балканската мрежа за рурален развој, како и претставници на научни, образовни и други институции кои соработуваат со руралното население.

-Жените во руралните средини се невидливи, маргинализирани и оставени сами да се борат за опстанок. Околу 64 отсто од жените во руралните средини не се активни на пазарот на трудот заради нивниот ангажман во домаќинството и грижата за децата, а 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејните фарми. Само 5 отсто од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште. Најголем дел од нив овие практики и традиции не ги согледуваат како дискриминирачки, се вели во соопштението од Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој.

Дискриминацијата, сметаат овие две организации, е голем проблем и предизвик за жените од руралните средини. На барање на Националната федерација на фармери се отстранија дискриминаторните мерки во четиригодишната Програма за рурален развој 2018 -2021 за активна поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство, каде што се бараше исполнување на следните услови: жената мора да е во брак, да има родено едно дете, да е невработена, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри. Барањето беше подржано од Мрежата за рурален развој, Министерството за труд и социјална политика, Шведската организација за развој We Effect, ООН и други меѓународни и национални организации.

Петнаесетти октомври беше прогласен за Меѓународен ден на жената од руралната средина од страна на Обеднитетите нации, а првпат е прославен во 2008 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2019 10:17