Со концерт на клавирското дуо Гелебешеви (Катерина Гелебешева-Костадиновска и Глигор Гелебешев) вечер од 20 часот во Музејот на македонската борба ќе биде отворен 13. Фестивал на камерна музика „Златна лира 2019“, кој го организира Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). На програмата на концертот на Гелебешеви се дела од Брамс, Барбер, Равел и Росини.

Во наредните денови во истиот простор на „Златна лира 2019“ ќе настапат и пијанистката Даница Стојанова, виолинистот и виолист Љубиша Кировски, триото „Аура“ и полските музичари Хенрик Блежеј на флејта и Тереза Кабан на пијано.

-Во духот на традицијата, фестивалот и оваа година ќе им го отстапи својот подиум на младите уметници. На 28 и 30 октомври ќе настапат добитниците на наградата на СМУМ на натпреварот „Охридски бисери 2019“: флејтистката Моника Трајковска, виолинистката Камелија Дукова, саксофонистот Стефан Неделковски и пијанистките Биљана Петровска, Лига Скриде и Дани Жоговска, соопшти СМУМ.

Фестивалот ќе биде затворен на 31 октомври со настап на камерното трио „Аура“, во состав: Страшо Темков (флејта), Марјан Милошевски (фагот) и Ана Гацева (пијано).

На завршната вечер ќе биде доделена и традиционалнита награда „Златна лира“ – за успешна работа во текот на изминатата година ќе му биде доделена на баритонот и композитор Горан Начевски, а за животно дело ќе ја добие контрабасистот Велко Тодевски, долгогодишен професор на ФМУ во Скопје.

Концертите ќе се одржуваат во Музејот на македонската борба. Влезот за посетители е слободен.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2019 09:48