Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и енергетските компании МЕПСО и ЕСМ денеска организираат работилница на тема „Оперативни и пазарни предизвици во интеконектираните електроенергетски системи со зголемено учество на обновливите извори на електрична енергија“, на која ќе биде промовиран научноистражувачкиот проект „Кросбоу“ (Crossbow), финансиран од Европската Унија.
Најавено е учество на претставници на оператори на електропреносни и дистрибутивни системи, операторот на пазарот на електрична енергија, производители, снабдувачи, Регулаторната комисија за енергетика, претставници на Министерството за економија, академската заедница од државава и странство.
Ќе се дискутира на повеќе теми, меѓу кои и регулаторни предизвици, регионална интеграција на пазарите на електрична енергија, предизвиците од интеграција на обновливите извори врз оперативното управување на системите и регионалниот пазар за балансна енергија.
Целта на проектот „Кросбоу“ е да создаде модел за ефикасно управување со производството на електрична енергија од варијабилни обновливи извори на енергија и со капацитети за складирање на електричната енергија, со помош на примена на најнови информатичкo-телекомуникациски технологии. Тие иновации ќе овозможат поголема искористеност на „зелената електрична енергија “, како и намалување на оперативните трошоци на операторите на преносните и на дистрибутивните системи.
„Кросбоу“ е финансиран од Програмата за истражување и иновации на Европската комисија „Хоризонт 2020“ со 17,2 милиони евра. Моментно е еден од најрелевантните иновациски проекти на Европската Унија во секторот „Паметни мрежи“. Учествуваат 24 партнери од 14 европски земји, меѓу кои има и осум оператори на електропреносни системи од Југоисточна Европа, електроенергетски компании и универзитети. Три партнери од нашата земја, УКИМ/ФЕИТ, МЕПСО и ЕСМ, учествуваат во изработката на проектот. Проектот започна во ноември 2017 година и е со траење од четири години.
На работилницата ќе се презентираат и најновите научни достигнувања од развојот на паметните мрежи (SmartGrid Lab).