Во Скопје денеска се одржа завршен настан за твининг проектот „Финализирање на мрежата на сметководствени податоци од земјоделски стопанства (ФАДН)“, што претставува единствен усогласен извор на микроекономски податоци за економското и структурно работење и за состојбата со работењето на земјоделските стопанства.
– ФАДН претставува сметководствена фарма и се што беше планирано е реализирано за една година и неколку месеци колку што траеше проектот финансиран од Европската делегација. Системот е целосно во согласност со ЕУ, а податоците што ќе бидат на располагање ќе бидат податоци кои Министерството ќе ги користи за анализи и планирање на развојните земјоделски политики, рече министерот за земјоделство Трајан Димковски.
Истакна дека со овој систем ќе се добиваат точни резултати за самото производство и согласно со тоа, политиките ќе се темелат на конкретни и точни податоци.
– Сите податоци во оваа мрежа се врзани и се праќаат директно во Брисел секоја година, што е наша обврска. Кога доаѓаме до клучни моменти колкава е производната цена, колкави се трошоците на фарма за одреден вид производство, сме соочени со податоци дека од секоја страна ни се кажуваат различни примери во зависност од тоа дали некој имал поголеми производни трошоци или помали во зависност од големината на фармата. Но ова е нешто врз што ќе ги темелиме нашите политики и развојните планови на самото Министерство, рече Димковски.
Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, рече дека ова е успешен проект финансиран од европските даночни обврзници, и претставува алатка за објавување податоци на многу официјален начин.
– Се надевам дека овој систем ќе овозможи натамошно креирање на политиките и ќе ги привлече младите луѓе повторно да се вратат во земјоделскиот бизнис, посочи Бертолини.
Италијанскиот амбасадор Карло Ромео рече дека проектот, предводен од Италија и потпомогнат од полските партнери е успешно спроведен во земјава, е успешно спроведен и е воспоставена целосно оперативна ФАДН мрежа, што е во линија на насоките добиени од страна на ЕУ, и легислативата во овој дел е целосно хармонизирана.
Полскиот амбасадор Војчех Тицински рече дека се чести партнери во земјоделски проекти во земјава финансирани од ЕУ.
– Полска оваа година одбележува 15-годишнина од влезот во Европската Унија и можеме успешно да го пренесеме нашето искуство во однос на спроведување на земјоделска политика на ниво на ЕУ и сме во состојба нашето искуство да го пренесеме и на Северна Македонија, додаде Тицински.
ФАДН е воведен во ЕУ од 1965 година, а последни измени се направени во 2009 година. Податоците кои ги обезбедува мрежата за прибирање на сметководствени податоци од земјоделски стопанства се користат за годишно утврдување на доходот на земјоделските стопанства, како и за економска анализа на земјоделските стопанства и проценка на состојбата во земјоделството и пазарите со земјоделските производи.