Домашните фирми ќе можат да се поврзуваат со странските инвеститори во регионот преку регионална електронска платформа. Проектот за поврзување на домашните компании со странските инвеститори, за кој Министерството за финансии потпиша меморандум за соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (СЕКО) ќе стартува од наредниот месец.

Тој проект бил една од темите на средбата помеѓу министерката за финансии Нина Ангеловска и директорката за Европа и Централна Азија на ИФЦ Вибке Шломер за време на Годишните средби на Групацијата Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд кои се одржуваат во Вашингтон.

-Преку регионалниот проект, кој освен кај нас ќе се реализира и во Србија и Косово, предвидено е развивање регионална електронска платформа за поврзување на добавувачи и купувачи, како и можност за движење на работната сила од една во друга земја во рамки на регионот. Исто така, во рамки на проектот ќе се направи студија какви професии се потребни во приватниот сектор, како и подобрување на бизнис окружувањето во делот на трговијата, прекуграничната соработка и даноците, соопшти Министерството за финансии.

На состанокот, информираат оттаму, се зборуваше и за ангажманот на ИФЦ да изработи прелиминарна анализа, односно економско-финансиска исплатливост на ХЕЦ Чебрен. По прелиминарната анализа доколку таа покаже изводливост, ќе следува подготовка на тендерска документација.

Од страна на ИФЦ на средбата е изразена подготвеност за поддршка на проекти во приватниот сектор, туризмот и обновливите извори на енергија.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/10/2019 13:08