Стопанската комора на Македонија бара целосно да се укине Законот за трговија на зелените пазари, или пак да се интервенира со измени на останатите закони што ја регулират дејноста. Одложената примена на Законот донесена во февруари годинава истекува за два месеца. Со неговото стапување во сила, според комората, закупците на тезги би биле непотребно финансиски оптоварени со дополнителни два милиони евра на ниво на дејност во ситуација кога веќе се соочуваат со пад од 10 до 15 проценти на прометот на зелените пазари поради понудата во супер маркетите.

– Најголем проблем е предвиденото постоење на Комората на закупци на тезги којашто не само што го обременува нивното работење со документација, туку дополнително прави проблеми од финансиски аспект бидејќи повлекува финансиски трошоци на закупците на тезги кои се несоодветни и неприфатлови. Обременувањето на закупците на тезги директно ќе се одрази на работењето на организаторите на пазари, рече денеска на прес-конференција Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија, пренесувајќи го ставот на организаторите на пазари.

Работењето на зелените пазари во изминатите десет години, велат од комората, е регулирано со многу закони и прописи и станува беспредметно да постои посебен закон за трговија на зелени пазари затоа што тој не регулира ништо повеќе од она што е веќе регулирано, а дополнително наметнува обврски за закупците на тезги што не се познати во регонот и пошироко.

Според комората, последното законско решение е беспредметно вклучително и во делот на планираното воведување лиценци затоа што и регистрацијата што сака да се постигне и сега постои преку Управата за јавни приходи. Организаторите на пазари со постојните законски решенија се должни на месечно ниво да ја известуваат УЈП кој се има закупено тезга на зелените пазари врз основа на што се оданочуваат закупците. Тоа, укажуваат, треба да се стави во некоја форма, но во рамки на системот на државните институции бидејќи

– Се што е предвидено да функционира во Комора на закупци на тезги сега е регулирано и можеби треба да се преформулира во одреден сегмент и да остане во државните институции, а не надвор од институциите. Финансиското оптоварување на закупците на тезги преку она што треба да го прави и ќе биде овластена Комора на закупците е дополнителен трошок и апсолутно може да биде причина за излегување на дел од закупците на тезги надвор од пазарите, што пак значи намален промет на пазарите, намалени даноци и поттикнување на сивата економија и нелојална конкуренција надвор од зелените пазари. Согласно бројот на тезги, трошоците може да бидат и до два милиони евра на ниво на цела дејност односно тоа се пари што ќе треба да ги платат закупците, рече Михајловска Василевска.

Откако на предлог на група пратеници во февруари годинава Парламентот изгласа одложување на примената на новиот Закон, како што велат од комората, воопшто не биле повикани на состанок или на каква било консултација. Во овој требаше да бидат направени одредени усогласувања додека трае одложената примена на Законот, но, потенцираше Михајловска Василевска, тоа не се случи. Заклучно со мај требаше да се донесат потребните подзаконски акти, но тоа не се случи, вршењето на јавните овластувања што требаше да се применува од јануари 2020 година не се доделени, не е воспоставен регистарот каде треба да биде завршена целосната регистрација три месеци од почетокот на законот. Трговците веќе треба да имаат легитимација и да се определат условите како ќе може да се врши трговија на тезгите, наведе Михајловска Василевска.

Таа најави дека утре ќе имаат состанок со сите организатори на пазари и ќе со заедничкиот став се обратат до надлежните институции.

Според комората, сегашните законски решенија не го регулираат само предвиденото плаќање на придонесите за плата, но, како што велат, тоа може да се регулира со други закони, односно и без новиот Закон. За закупците, физички лица кои функционираат согласно со Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност со Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија фискализацијата е одложена до влез на земјава во Европската унија.л



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2019 13:47