Јап Стам веќе не е тренер на фудбалскиот клуб Феенорд од Ротердам. Тој се повлече од функцијата после тешкиот пораз од 0:4 на дербито против ривалот Ајакс.

Феенорд, кој е 15-кратен првак на Холандија, во моментов е дури на 12. место на табелата во холандскиот шампионат со 15 бода помалку од лидерот Ајакс. Стам одлучил дека е најдобро и за него, и за играчите и клубот, да си замине.

Легендата Стам кој играше 67 меча за националниот тим, има 47 години, а од клубот објавија дека не сакале да се разделат, но ја почитуваат одлуката.

Стам имаше одлична играчка кариера, но како тренер не е толку успешен. Освен што не му одеше со Феенорд во првенството, и во Лига Европа имаа незадоволителни резултати, само една победа во првите три кола.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2019 21:12