Податоците од мерните станици во неколку населби, покажаа високо загадување со ПМ честички неколку пати над дозволеното. Денеска тешко се дишеше и во Ѓорче Петров, Карпош, Центар и Кисела Вода. Во деновите кога мерните станици ја достигнаа црвената линија, се огласи и скопскиот градоначалник.

Петре Шилегов за Алфа рече дека дел од градоначалниците на другите општини околу Скопје, придонеле за енормното загадување на главниот град.

И додека Македонија го достигнува врвот меѓу првите најзагадени градови во светот, градските власти велат дека ќе биде подобро.

Во меѓувреме, од граѓанските организации ги повикуваат граѓаните да излезат на улица и да се изборат за почиста средина, зашто институциите речиси и ништо да не прават за енормното загадување.

Инаку, со падот на температурите, се очекува и зголемување на загаденоста, не само во Скопје, туку и во цела Македонија. Проблеми со отровниот воздух имаат и Битола, Тетово, Гостивар, Кичево.

И вечерва според Мој воздух, мерните станици за мерење на ПМ 10 честичките покажуваат високо ниво на загаденост, додека пак во некои од општините не го ни мерат загадениот воздух.

Вечерва во Куманово загаденоста на воздухот е 275 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен, додека пак во Скопје – Ректорат се измерени 240 ПМ 10 честички, а мерната станица во Миладиновци покажува 217 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен, додека Тетово со 182 микрограми на метар кубен. Додека пак во Велес, Кичево, скопски Аеродром, Бутел и Лисиче, Струмица и Битола мерните станици не работат.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2019 01:15