ЈП „Комунална хигиена“- Скопје денеска ги промовираше новите корпи за ситни отпадоци што започнаа да се поставуваат во Старата скопска чаршија и во централното градско подрачје.

Градот Скопје неодамна набави 950 нови корпи наменети за ситни отпадоци, од коишто 100 имаат вградени кеси за одлагање отпад од домашни миленици. Вкупно 85 од овие корпи во текот на денешниот ден беа поставени во Старата чаршија, додека 100 корпи се распоредени во општината Центар.

„Поставувањето на новите корпи за ситни отпадоци во голема мера ќе придонесе за подигнување на нивото на хигиената на јавните површини во нашиот град. Корпите ќе бидат распоредени во сите скопски општини, а покрај Старата чаршија и Кејот 13-ти Ноември, во текот на утрешниот ден ќе поставиме 20 корпи и во спортско-рекреативниот центар „Матка“. Градот Скопје ги набави овие корпи, обврска на општините и на екипите на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје е редовно да ги празнат, но од граѓаните очекуваме со својот однос и постапки да ги сочуваат за што подолго време да бидат функционални и неоштетени.“ – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.

Претседателот на Здружението на занаетчии „Еснаф”, Бејтула Морина, се заблагодари на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, нагласувајќи дека постоеше огромна потреба за поставување корпи за ситни отпадоци наменети за бројните посетители на Старата скопска чаршија.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2019 13:26