Со германска и хрватска помош и споделување на најдобрите меѓународни практики Народната банка ќе продолжи со натамошно усогласување со правилата, регулативата, политиките и работењето со стандардите на Европскиот систем на централни банки заради натамошно одржување на макроекономската и финансиската стабилност.

Тоа го овозможува твининг проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзино членство во Европскиот систем на централни банки“ чија почетна конференција се одржува денеска во Скопје. Проектот во вредност од 600.000 евра, кој е финасиран од ЕУ, се спроведува од септември годинава до декември идната година.

-Означуваме почеток на еден исклучително значаен проект за нас кој очекуваме да даде придонес во нашето натамошно профилирање како модерна централна банка со силен капацитет и подготвеност за приклучување кон европското семејство на централни банки. Побрзата институционална и економска конвергенција, вклучувајќи го и побрзото приближување кон европските централнобанкарски вредности ќе значи и побрзо интегрирање кон европското семјство. Токму затоа ние во Народната банка постојано го зајакнуваме нашиот капацитет преку различни модалитети честопати со директна поддршка од страна на ЕУ преку нејзините расположливи алатки, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во поздравниот говор на отворањето на конференцијата.

Таа посочи дека планираните проектни активности на твининг проектот опфаќаат четири области во доменот на централнобанкарското работење.

-Проектните активности во првата компонента се во сферата на платежни услуги и платните системи. Активностите во голема мера ќе бидат насочени кон успешно спроведување на подготовката на новиот закон и новите подзаконски акти за платежни услуги и платни системи. Новата регулатива во основа ќе значи транспонирање на најновото европско законодавство во оваа област кај нас и создавање услови за значајни промени во нашиот платежен пејзаж, рече Ангеловска-Бежоска.

Втората компонента ќе биде за банкрската регулатива и супервизија, третата за статистиката на финансиските сметки, а четвртата за практичното знаење за анализа на политиките.

Раководителот на Одделот за економски прашања, институционално јакнење и прекугранична соработка при Европската делегација во нашата земја Фрек Јанмаат посочи дека една од клучните цели на проектот е модернизација на платежните услуги во државата и додаде дека е вистинско време за негово спроведување, бидејќи како нерезидент кој живее во земјава се соочува со функционирањето на локалните банки.

-Во најголем дел од банките не можам да имам интернет банкарство и за мене тоа е малку чудно, бидејќи морам да одам на шалтер на банката и да платам. Изненадувачки е што се уште има и други луѓе кои се таму и сакаат тоа да го направат. Во наредните години ќе видиме автоматизација на услугите на банките и дека тие ќе станат порелевантни и важни. Мислам дека по извесно време интернет банкарството ќе зајакне и ќе земе замав. Затоа сметам дека е добар тајмингот за овој проект, рече Јанмаат.

Тој истакна дека не е невообичаено што треба да плати такса (провизија) кога ја користи својата картичка од локална банка во друга локална банка. -За мене тоа е изненадувачки, бидејќи со картичка од мојата холандска банка можам да извлечам пари во Португалија, во Финска без да платам било каква такса, рече Јанмаат.

Амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих порача дека земјава мора да продолжи со реформите и целосно да се сконцентрира на реформскиот процес кој ќе доведе до членство во ЕУ.

-Една од клучните приоритети на реформските процеси е реформата на банкарскиот сектор како дел од реформите на економскиот систем. Од таа причина овој твининг проект ќе помогне во поддршката на Народната банка во одржувањето на макроекономската и финансиска стабилност во корист на сите економски оператори, рече Герберих.

Вториот секретар на Амбасадата на Република Хрватска, Ана Вучиќ нагласи дека твининг проектот е фокусиран на надградба на капацитетите на Народната банка, а покрај тоа има за цел да има долгорочно влијание врз сите економски оператори кои ќе имаат корист од монетарната и финансиската стабилност.

-Ова е само еден од многуте твининг проекти во РСМ во која е вклучена хрватската експертиза, рече Вучиќ.

На конференцијата ќе се обратат и претставници на проектните партнери – централните банки на Германија и Хрватска, по што планираните проектни активности подетално ќе бидат презентирани и од проектните лидери.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2019 14:05