Командантот на израелските воздушни сили, генерал Амикам Норкин изјави дека повеќеслојна воена мрежа на системи за противвоздушна одбрана е на готовност, заради општа закана од напад од Иран.
Израелската војска во последните неколку недели изрази уверување дека Техеран планира да се одмазди за израелските воздушни напади врз иранските и силите на иранските сојузници во регионот.
Се проценува дека тоа би можело да биде напад од големи размери, со крстосувачки ракети и дронови, сличен на нападот на саудиската нафтена рафинерија Арамко, кој му се припишува на Иран.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оваа недела изјави дека Иран планира да го нападне Израел од Јемен, што ќе ја отежне израелската одбрана затоа што системите за пресретнување ракети со среден и долг дострел подобро се распоредени за да го одбранат северот отколку југот на земјата.
– Додека го зборуваме ова, батерии „ероу“, „патриот“ и „Давидов стап“ се во готовност, рече синоќа Норкин на промоција на офицери.
Тој оцени дека предизвикот за противвоздушната одбрана станал посложен бидејќи сега постојат беспилотни летала (дронови) и крстосувачки ракети, покрај заканите од проектили.