Претставничкиот дом на Конгресот денеска ќе гласа за резолуција, со која ќе се формализира истрагата за импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп. Оценката на „свиркачот“ дека Трамп ја користел „моќта на својата функција за да бара странска земја да се меша во американските избори 2020“ отвори политичка афера, која се заканува 45. претседател на САД да биде првиот во историјата кој ќе биде отповикан.
Со резолуцијата, за која денеска ќе се гласа, се дефинира процесот на спроведување истрага за можно кривично дело, кое Трамп наводно го сторил за време на разговорот со украинскиот претседател Володомир Зеленски. Во неа се наведуваат правила за одржување јавни претреси и упатување обврзувачки покани за сведочење. Според документот, Одборот за разузнавачки прашања при Претставничкиот дом мора да го предаде извештајот на Одборот за правда, кој ќе го користи кога ќе одлучува дали да препорача поднесување обвинение за импичмент по една, или повеќе основи. Исто така, на правниот тим на Претседателот му се дава можност да ја изнесе одбраната и да ги испитува сведоците.
Републиканци во Конгресот подолг период бараат да се одржи формално гласање за тоа дали треба да се отвори истрага за импичмент. Претседателката на Претставничкиот дом, од редовите на Демократската партија Ненси Пелоси покрена формална истрага на 24 септември, соопштувајќи дека шест одбори во Долниот дом ќе водат истрага за тврдењата на „свиркачот“ дека Трамп на некој начин извршил притисок врз Зеленски. „Свиркачот“ поднесе официјална поплака поради загриженост дека воената помош за Украина Трамп ја условил со отворање истрага за корупција во Киев против Хантер Бајден, синот на неговиот политички опонент Џо Бајден. Републиканците тврдат дека процесот на отповикување е нелегален без гласање во Претставничкиот дом, иако ниту Уставот, ниту Конгресот не предвидуваат гласање пред почеток на истрага. Со гласањето ќе се утврди колкава е поддршката за истрага меѓу 435 членови на Претставничкиот дом. Се очекува за почеток на истрага да гласаат сите 234 демократи, но американските медиуми шпекулираат со можноста ним да им се придружат и неколкумина републиканци.
Доколку се формализира истрагата за импичментот, Белата куќа нема да биде во можност да одбива соработка со истражителите или да не одговори на обврзувачките покани.
Пелоси го најави гласањето за резолуцијата, наведувајќи дека тој чекор го преземаат со цел да „отстранат секаков вид сомнеж во тоа дали администрацијата на Трамп сака да спречи објавување документи или појавување сведоци во истрагата или одбива да одговори на обврзувачките покани или продолжува да ја опструира работата на Претставничкиот дом“.
Демократите предвидуваат дека по истрагата, за отповикување на претседателот во Претставничкиот дом ќе се гласа до крајот на годината, а најрано уште во ноември.
Доколку Претставничкиот дом го отповика претседателот, процесот преминува во Сенатот, каде исто така, се одржува т.н. судење и сенаторите одлучуваат дали претседателот ќе биде разрешен од должноста. Такво судење во Сенатот најверојатно би се одржало следната година. За Сенатот да го одобри импичментот неопходно е најмалку 20 републиканци да се придружат на демократите, кои имаат 47 места, што според екпертите, е малку веројатно.