Скопското Јавно обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје достави обвинителен акт против едно лице за убиството на Бурим Идризи на улицата „Џон Кенеди“ во декември 2017 година.

– Обвинетиот на 20 декември 2017 година на автобуска постојка на улицата „Џон Кенеди“ во Скопје, наспроти училиштето „Цветан Димов“, со умисла го лишил од живот лицето Бурим Идризи, а го довел во опасност и животот на уште тројца други оштетени. Додека сега починатиот со останатите оштетени стоел на постојката, обвинетиот со автомобил „застава југо“ застанал од спротивната страна на коловозната лента и излегол од возилото со огнено оружје во рацете. Тој ја претрчал коловозната лента, се доближил до жртвата и испукал кон него 20 куршуми со калибар 7,62х39мм. Притоа, Идризи се здобил со повеќе огнострелни повреди кои резултирале со брз смртен исход, а со телесна повреда се здобил и еден од оштетените, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител до Судот доставил и посебен предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице, бидејќи постои опасност од бегство како и околности кои упатуваат дека тој би можел да го повтори кривичното дело. Притоа обвинителот го ценел и фактот што обвинетиот веднаш по настанот се даде во бегство и речиси две години не беше достапен на органите на прогонот.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2019 14:07