Возач и двајца сопатници во патнички возила биле тешко повредени во три од вкупно 36 сообраќајни незгоди што изминатиов викенд се случиле на подрачјето на СВР Скопје. Во 14 сообраќајки полесно биле повредени 20 лица, а во 19 била причинета материјална штета.

Од СВР Скопје информираат дека викендов сообраќајната полиција санкционирала 28 возачи кои возеле побрзо од дозволеното, а од сообраќај биле исклучени 52 возачи под дејство на алкохол, 44 возачи пред да се стекнат со правото за управување моторно возило и 11 почетници, како и 43 нерегистрирани возила.

Санкционирани биле и 12 возачи кои поминале коловоз вон пешачки премин, тројца возачи кои поминале на црвено светло, тројца возачи за неправилно престројување, седум возачи за неправилно престигнување, шест возачи за неносење сигурносен појас и 23 возачи кои зборувале на мобилен телефон додека возеле. Санкционирани се и тројца возачи на мотор, мопед и мотоцикл кои немале заштитен шлем.

Сообраќајната полиција издала и 170 казни за непрописно паркирање, а со помош на специјалното возило „пајак“, отстранети биле 134 возила.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2019 14:37