Како што информираше денеска Иле Илиев, командир на неготинската Територијална противпожарна единица, во изјава за МИА, минатата година имале регистрирано вкупно 90 интервенции, а дури 137 пати интервенирале во десетте месеци од оваа година.
– Како последица на долгиот сушен период, годинава имаме 106 пожари на отворено, а 17 на објекти. Бележиме и девет интервенции на патнички и моторни возила, а пет кај запалени контејнери, соопшти Илиев.
Тој упати апел до неготинци и демиркапијци, да бидат особено внимателни сега на стартот на грејната сезона.
– Да се провери исправноста на инсталациите за греење, да се исчистат оџаците, а особено да се внимава грејните тела да не бидат во функција во период кога дома нема никој, се препораките од Противпожарната единица.
Илиев апелираше и до оние кои во овој период печат ракија, особено тие кои користат плински боци, да внимаваат и соодветно да постапуваат со огништата и лесно запаливите материи наоколу, се со цел да спречат пожари.