Жената која го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека ја силувал пред повеќе од 23 години во продавница во Њујорк, денеска поднесе тужба против него за неговите изјави во јуни во кои негираше дека ја нападнал.

И. Џин Керол (E. Jean Carroll), долгогодишна колумнистка на списанието „Ел“, во тужбата поднесена во суд на Менхетн наведува дека Трамп лажел кога тврдел дека не ја нападнал и ги довел во прашање нејзините „интегритет, чесност и достоинство“ со своето објаснување зошто јавно проговорила за инцидентот.

Портпаролката на Белата куќа Стефани Гришам за „Вашингтон пост“ изјави дека „тужбата е бесмислена и приказната е измама – исто како и авторката“.

Џин Керол во јуни во списанието „Њујорк“ ја објави приказната за наводното силување во продавницата „Бергдорф Гудмен“ на Петтата авенија во Њујорк, за кое тврди дека се случило меѓу есента 1995 и пролетта 1996 година. Приказната е извадок од нејзините мемоари што треба да бидат објавени следниот месец.

Трамп тогаш рече дека никогаш не ја силувал и никогаш не ја запознал. Тој ја обвини дека лаже и оти го сторила тоа за да ја поттикне продажбата на нејзината книга.

Уште десетина жени го обвинија Трамп дека сексуално ги злоставувал, додека тој ги негира сите наводи.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2019 00:39