Пречките во глобалната трговија мора да бидат отстранети, а земјите треба да ги поддржат основните мултилатерални начела додека цврсто се спротивставуваат на протекционизмот, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг.

На отворањето на кинескиот меѓународен увозен саем во Шангај, Си оцени дека тоа мора да биде направено за да се поттикне меѓународната соработка и да се остранат пречките за инвеститорите.

Си повторно вети дека ќе продолжи отворањето на кинеската економија и пазарите, како и јакнење на правото за заштита на интелектуална сопственост.

– Мораме да се здружиме, наместо едни на други да го препуштаме проблемот за решавање. Мора да ги урнеме ѕидовите, а не да ги креваме. Мора цврсто да застанеме против протекционизмот и унилатерализмот. Мора постојано да ги уриваме трговските бариери, да ја оптимизираме глобалната вредност и синџирот на снабдување, и заеднички да ги поттикнуваме барањата на пазарот, оцени Си.

Изјавата на Си доаѓа во период кога американските и кинеските преговарачи работат на финализирање на текстот за „првата фаза“ од договорот кој кон крајот на месецот се очекува да го потпишат претседателите на САД и Кина. Со тој договор би се намалиле тензиите од речси 16-месечната трговска војна, која наштети на глобалната економија.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2019 13:12