Многу лоша слика, што никогаш не сум видел. Имаше многу мртви и заглавени под автобусот што не можеме да ги извадиме, изјави еден од очевидците, жител на селото Ласкарци кој меѓу првите пристигнал на местото на превртениот автобус, на денешното судење за сообраќајната несреќа од 13 февруари годинава, во која животот го загубија 16, а 37 лица беа потешко повредени.
– Бев во дворот на куќата и го видов како се преврте. Чув три удари и нешто големо како се преврте. Одма ја земав колата и отидов да помогнам, изјави сведокот, кој живее на 100 метри од местото на несреќата.
Посочи дека не видел што се случило, туку само чул удари и прашина кога нешто големо паднало во нивата, но не видел дали е автобус или камион.
– Јас прв влегов во автобусот и го извадив апаратот за прва помош. Прв и ги земав, тогаш не знаев дека е возачот на автобусот, едно девојче и еден помлад дечко, изјави сведокот.
Прв надвор го видов како лежи шоферот, го испрскав со вода и он се освести, по што заедно со уште еден го кренавме на нозе и помогнавме да се качи во возилото.
– Возачот на автобусот ништо не збореше по пат. Се губеше. Само ме удираше по нога, изгледа да возам полека. Девојчињата позади викаа од болка и цело време им кажував дека брзо ќе стигнеме во болница, изјави сведокот.
Претходно, како сведок беше сослушана и Вјолца Ибраими една од повредените патнички во автобусот на „Дурмо турс“.
– Пред да се случи несреќата јас разговарав на телефон и не приметив ништо невообичаено. Имав видик кон патот, но не гледав зошто зборував на телефон, рече Ибраими.
Посочи дека до ударот во заштитната оградата, не се сеќава на ништо што и го привлекло вниманието.
– Се сеќавам само на ударот во банкината. Потоа не се сеќавам на ништо. Сигурно сум загубила свест. Потоа се освестив во кола на пат кон болница, изјави Ибраими.
Во автомобилот била заедно со возачот на автобусот, но рече дека нема многу јасна слика за тоа што се случувало.
– Не се сеќавам најдобро. Знам дека возачот на автомобилот зборуваше со сите нас за да останеме свесни, но не се сеќавам најдобро, изјави Ибраими.
Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
На денешното испитување на повредената патничка и по реакциите на јавниот обвинител дека бранителите не би требало да си приговараат едни на други кога поставуваат прашања, дел од адвокатите на обвинетите реагираа дека тие имаат различни одбрани и дека доколку понатака во постапката бидат ослободени, може да се приклучат и на страната на прогонот.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, обвинети се шест лица.
Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.