Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, утре ќе се врати на „Олд Трафорд“ за прв пат од неговото отпуштање од Манчестер Јунајтед пред една година и Португалецот верува дека ќе биде пречекан со соодветна почит од приврзаниците на клубот.

Мурињо, кој ги освои Лига Европа и Лига Купот со Манчестер Јунајтед во две и пол сезони на чело, се надева дека ќе го продолжи својот 100 процентен старт по трите победи досега со „петлите“

– Утре ќе се вратам на „Олд Трафорд“ како тренер, кој се обидува да го победи Манчестер Јунајтед и може да даде поинаква перспектива. Можам да кажам дека го сакам овој стадион затоа што бев среќен на него и имав одлична врска со навивачите. Очекувам публиката да покаже почит кон мене, но јас сум свесен дека утре ќе го сакаат токму спротивното од она што го целам. Сакам Тотенхем да победи и верувам дека за време на натпреварот публиката нема да размислува за мене, туку ќе го поддржува тимот, рече Мурињо.

Тој додаде дека добил и научил многу од престојот во Манчестер.

– Времето по заминувањето беше добро за мене. Но, сега јас сум Тотенхем и Манчестер Јунајтед е мојот ривал, додаде Португалецот.

За дуелот со Манчестер Јунајтед, Тотенхем ќе биде без повредените Бен Дејвис, Ерик Ламела, Мишел Ворм и Уго Лорис.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2019 16:53