Според статистичките податоци на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, брзото возење и понатаму останува доминантна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици. Затоа од РСБСП апелираат да се возачите да ја намалат брзината на возење и да возат повнимателно.

Кога е во прашање брзината, велат од РСБСП, односно брзото возење воглавно постојат три групи на возачи – возачи кои целосно и безусловно ги почитуваат правилата за ограничување на брзината, возачи кои понекогаш ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината или го прават тоа во рамки на отстапувања кои според нивно лично мислење се прифатливи, возачи кои често ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината

Првата група – возачите кои секогаш ги почитуваат правилата за ограничување на брзината се совесни и одговорни личности. Втората група возачи, оние кои само понекогаш возат повеќе од дозволеното и тоа најчесто возат за 10 до 30 км/ч повеќе од дозволеното се многубројни.

-Овие возачи делумно се свесни за последиците од сообраќајните незгоди, но во исто време недозволено си даваат право на слободно толкување на сообраќајните правила и прописи. Овие возачи, кои ги има најмногу, убедени се дека минималното прекршување на сообраќајните правила и прописи, односно минимално пречекорување на дозволената брзина нема битно да влијае на тоа дали ќе се случи или не одредена сообраќајна незгода и нема да влијае на тоа дали и какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди, велат РСБСП.

Оттаму додаваат дека тоа е всушност и најголемата грешка и оти науката и статистиката го покажуваат токму спротивното. Истражувањата, се посочува во соопштението, покажуваат дека сопирачкиот пат на возило кое се движи со брзина од 50 км/ч е 26 метри, додека сопирачкиот пат на возило со брзина од 60 км/ч е 34 метри.

-Од една страна разликата од осум метри е битна за тоа дали ќе се случи или не одредена сообраќајна незгода. Од друга страна, особено кога станува збор за сообраќајни незгоди во кои учествуваат деца, пешаци и велосипедисти, покрај сопирачкиот пат, важна е и силината на ударот. Доколку се случи сообраќајна незгода на 18 метри од сопирачкиот пат на возило кое се движи со 60 км/ч, пешакот најверојатно ќе заврши со фатални последици, а на возило кое се движи со 50 км/ч веројатноста пешакот да заврши со нефатални последици е значително поголема. Разликата од 10 км/ч е всушност разлика помеѓу живот и смрт. Токму тоа беше и причината, зошто најголемата дозволена брзина во населено место во изминатите години се намали од 60км/ч на 50 км/ч, појаснуваат од РСБСП.

Брзината од 10 км на час над дозволената, потенцираат, го зголемува растојанието на сопирање на возилото во просек за 10 до 12 метри, што може да биде фатално, особено во населени места.

-Затоа е важно да се намали просечната брзина во населени места и на регионалните патишта со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот. Со намалување на просечната брзина за само 1 км на час, бројот на сообраќајни незгоди во населено место би се намалил за 4 проценти и за 2 проценти би се намалил бројот на сообраќајни незгоди надвор од населено место (резултати од странски истражувања), се наведува во соопштението од РСБСП.

Фактот дека побавното возење е побезбедено, според Советот, се потврдува и со фактот дека веројатноста за смртност на пешаците при удар на возило со брзина од 50 км на час е 85 проценти, додека веројатноста пешак да загине при удар на возило со брзина од 30 км на час е помалку од 10 проценти.

-Согласно наведеното, брзината е клучен фактор на ризик за безбедноста на најранливите групи учесници во сообраќајот (пешаци, велосипедисти, стари лица и деца), а исто така брзината е клучен фактор за сериозноста на последиците за возачите и патниците во возилата, наведуваат од РСБСП.

Според Советот, постои и третата група- возачи кои често ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината и достигнуваат брзини кои за 30 км/ч и повеќе се поголеми од дозволените, и оти тие се лица кои ги потценуваат последиците од сообраќајните незгоди, лица кои не спаѓаат во групата на свесни и совесни возачи, односно лица на кои треба да им се одзема правото за управување на моторно возило. За оваа категорија на возачи, прашање на време е кога ќе се случи сообраќајна незгода, кој ќе настрада и кои ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди.

-Затоа РСБСП потсетува дека „Брзото возење убива!“ „Брзото возење изнудува грешки кои најчесто завршуваат фатално!“ „Брзото возење ве носи кон брз и неславен крај!“ и апелира „Намали, намали ја брзината пред да биде касно!“, „Вози паметно! Намали ја брзината и стигни безбедно!“, се вели во соопштението од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2019 12:55