Во тетовската полиција вчера жител на тетовско Прељубиште пријавил кражба во црквата „Свети Јован Богослов“. Освен кражба на пари, пријавена е и штета при одземањето.
„Вчера 10 декември Л.Ј.(71) од тетовско Прељубиште во СВР Тетово пријавил тешка кражба во црквата во ова село, која била извршена во периодот помеѓу 9 и 10 декември. Според пријавеното, сторителот насилно влегол во црквата и одзел пари. Извршен е увид и се работи на расчистување на случајот“, соопшти СВР Тетово.
Првичните сознанија на полицијата се дека се одземени околу 1.000 денари, а поголема е штетата направена при насилно кршење на инвентарот.
„Често пати поголема е штетата отколку одземените износи на пари од црквите. Штетата се прави поради насилното кршење врати или прозорци, како и каси, маси и други предмети каде се чуваат парите собрани од доброволните прилози оставени во црквите од страна на верниците“, потенцираат од СВР.
Полицијата евидентираше кражба и во август во „Свети Јован Крстител“, црква лоцирана во месноста „Петачко водиче“ на два километра од Беловиште.