Управата за финансиска полиција информира дека до Основното јавно обвинителство – Скопје поднела кривична пријава против лицето Б.А., поранешен претседател на Институтот на овластени ревизори на Република Македонија, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластувања“ по член 353 став 2 од Кривичниот законик.
– Пријавениот Б.А. во 2017 година ја злоупотребил својата службена положба и овластувања, на начин што заобиколувајќи ја процедурата која согласно Законот за ревизија и Статутот на Институтот на овластени ревизори бил должен да ја спроведе, испратил допис со невистинита содржина до Владата на Република Македонија, врз основа на кој допис Владата на Република Македонија донела решение за именување на лицата З.Б.Л. и Н.М. за членови на Советот за унапредување и развој на ревизијата на Република Македонија, со што пријавениот Б.А. овозможил лицата З.Б.Л. и Н.М. да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 716.000 денари, се наведува во соопштението на Финансиската полиција.