Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, СВР Битола и СВР Скопје вчера околу 19 часот на улица „Шуто Оризари“ го лишиле од слобода М.К. (29) од Битола поради основано сомнение дека е инволвиран во фингирано извршување на кривични дела грабнување и изнуда.

Акцијата, како што информираат од МВР, е по наредба на ОЈО Битола.

– На 14.12.2019 Б.К., татко на М.К., во СВР Битола пријавил кривични дела грабнување и изнуда при што наводна жртва е неговиот син. По насоки на ОЈО Битола веднаш се преземени оперативно технички мерки и дејствија и случајот е расчистен односно утврдено е дека станува збор за фингиран настан, во кој покрај М.К. се инволвирани уште неколку лица, со кои М.К. бил во претходен договор со цел да изнудат пари од родителите. М.К. и претходно е пријавуван за кривични дела, издржувал затворска казна, а имал и долгови кон различни лица, се вели во соопштението од МВР.

Лицето М.К. е приведено додека влегувал во возило „алфа ромео“, сопственост на неговиот татко, за кое возило тврдел дека е грабнат со него, при што кај него биле и дел од парите кои биле предвидени за неговиот наводен откуп, а претходно технички обработени. По документирање на случајот, СВР Битола ќе поднесе соодветен поднесок до ОЈО Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/12/2019 23:46