Кривична пријава против 28-годишниот скопјанец И.М. осомничен за кривично дело „даночно затајување“ поднесе Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до Основното јавно обвинителство.

За да избегне делумно плаќање данок на добивка, пријавениот како сопственик и управител на правно лице од Скопје, на 26 февруари 2018 година во задолжителната пријава – образец „ДБ-даночен биланс за оданочување на добивка“ за деловната 2017 година внел невистинити сметководствени податоци и ја доставил во име на правното лице до Управата за јавни приходи.

Како што информира МВР, тој пресметал и пријавил даночна основа во износ од 7.118.190 денари, на која пресметал и уплатил данок на добивка во износ од 711.819 денари, иако бил должен да пресмета и пријави даночна основа во износ од 135.223.480 денари и да пресмета и плати данок на добивка во износ од 13.522.348 денари.

– На тој начин, неосновано и спротивно на член 45, член 46 и член 47 од Законот за даночна постапка и спротивно на член 9 став 1 точка 1 и член 39 став 1 од Законот за данокот на добивка, даночната основа ја намалил за износ од 128.105.290 денари, кои не ги евидентирал како „непризнаени расходи за даночни цели“, не ги додал на „финансискиот резултат“ и тој износ не го пресметал и пријавил како даночна основа во поднесениот даночен биланс до УЈП, па за него не пресметал и не платил данок на добивка во износ од 12.810.529 денари и за тој износ го оштетил Буџетот на државата, наведува МВР.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2019 12:15