На почетокот на летото, речиси паралелно со изборите, Грција почна да се соочува со зголемени бранови бегалци и мигранти на островите во источниот дел од Егејското море, оние кои што се во близина на турското крајбрежје, што ги разбудија сеќавањата од периодот 2015-2016, кога земјата се справуваше со сериозна бегалска криза.

Сепак, процените во Грција се дека иако пристигнувањата и во текот на летниот период и потоа продолжија со голем и ненамален интензитет, сепак не претставуваат закана или опасност за „реприза“ на ситуацијата од пред три или четири години.

Ситуацијата е особено загрижувачка на островите Лезбос, Хиос, Самос, Лерос и Кос каде што постои пренатрупаност во прифатните центри и бегалските кампови.

На Самос бројот на бегалци и мигранти е речиси 12 пати поголем од предвидениот капацитет на прифатните центри, а на Лезбос и Хиос шест и пол пати.

На островите во близина на турското крајбрежје живеат над 41 илјада бегалци и мигранти, а речиси половина од нив се на Лезбос.

-Трагична е ситуацијата на островите, а причината што ја прави уште потрагична, не се само лошите, би рекол, нехумани услови во кои што живеат, не се само многубројните и нови пречки што излегуваат пред нив, во врска со пристап до здравствените служби, во процесот за азил, па дури и во едноставните секојдневни услови за живот, она што ја прави ситуацијата уште полоша е нивното психичко здравје кое што стигна до крајна точка и затоа споредуваме со други делови од светот и би рекол дека можеби е полошо од најлошите места во светот, затоа што гледам празни погледи на деца и луѓе кои ја изгубија дури и надежта и потребата да живеат, рече Христос Христу меѓународниот директор на невладината „Доктори без Граници“ (МСФ), во разговор со дописничката на МИА од Атина.

На крајот од септември грчката влада донесе одлуки во врска со бегалското/мигрантското прашање, меѓу кои, зајакнато чување на границите со зголемени патроли, префрлање на бегалци и мигранти од островите во други делови на земјата, поголем број враќања, интернационализација на проблемот, како и забрзување на процесот за доделување азил, но со построги услови.

-Врз основа на анализата на статистичките податоци за националноста на оние кои влегуваат во земјата, заедничко убедување е дека веќе станува збор за мигрантски проблем, а не бегалски, соопшти заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада Стелиос Пецас.

Паралелно грчката Влада, донесе, а Парламентот го изгласа новиот закон за азил, што носи нов, компактен, ригорозен, праведен систем и забрзување на процесот.

Заменик министерот за одбрана на Грција, Алкивиадис Стефанис, минатиот месец го презентираше операциониот план на грчката влада, односно 5+1 дејства за справување со мигрантската/бегалската криза: затворање на дел од постоечките бегалски кампови на островите, меѓу кои и Мориа на Лезбос, проширување на дел од постоечите и изградба на нови, но затворени центри наменети и за оние кои нема да добијат азил и ќе треба да се депортираат и за оние кои ќе пристигнат и ќе треба да се идентификуваат.

Најголемата промена е целосно поразличен изглед на бегалските кампови на петте грчки острови најпогодени од бегалските бранови, кои се претвораат во затворени центри и центри за идентификација и регистрација.

-На Лезбос, постепено ќе се затвори постоечкиот камп во Мориа, а ќе се изгради нов, затворен објект што ќе се користи како центар за оние што се во фаза на заминување и прифатен центар за идентификација со капацитет 5.000+, рече Стефанис.

Истата пракса ќе се примени и на островот Хиос. На Самос, сегашниот центар ќе се затвори, а новиот што е во фаза на изградба ќе се прошири и ќе ја има истата намена и ист капацитет како и на Лезбос и Хиос (5000+), додека пак на Кос и Лерос постоечките кампови ќе се пренаменат во затворени центри и центри за идентификација со капацитет да примат 2000+, односно 1000+ лица.

Проценките се дека изградбата ќе се заврши во првата половина на 2020, за како што рече Стефанис, во јули следната година веќе да бидат пуштени во употреба.

Во Грција има речиси 5000 деца бегалци без придружба

Меѓу бегалците и мигрантите кои живеат во Грција има и речиси 5000 деца бегалци без придружба, а на една четвртина од нив им се губи трагата.

Од 2017 година до денес речиси двојно е зголемен бројот на деца бегалци без придружба кои пристигнуваат во Грција, а во овој момент во земјата има 4800 малолетници, од кои 1178 се на непозната локација.

-Бројот се очекува драматично да се зголеми, и тоа е затоа што, пристигнувањата на државјани од трети земји од почетокот на летото се зголемени и достигнуваат и до 500-600 лица дневно. Најголемиот дел од децата бегалци без придружба се од Авганистан – 43 отсто, од Пакистан 25 отсто и многу мал дел, околу 9-10 отсто се од Сирија, рече заменик министерката на труд и социјала на Грција, Домна Михаилиду на прес конференција на почетокот на ноември, која објасни дека најголемиот број од децата, 93 проценти се над 14 години, а 94 отсто се момчиња.

Децата бегалци без придружба откако ќе пристигнат во Грција и ќе го поминат процесот на идентификација и регистрација се згрижуваат на неколку начини. Или остануваат во прифатните центри во т.н „safe zone“, односно безбедна зона, или да бидат пренесени во специјалните пансиони наменете за нив или пак во хотели. Долгорочно пак, може да поднесат барање за азил во Грција или да побараат обединување со семејствата.

1178, од 4800 деца без придружба, како што рече заменик министерката се наоѓаат „под несигурни услови“, односно никој не знае каде се бидејќи побегнале од пансионите, хотелите или безбедните зони во кои биле згрижени.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис лично тој го презеде управувањето со прашањето со децата бегалци без придружба, соопштувајќи ја владината програма за„Ниедно дете само“ што предвидува изградба на специјални простори за сместување на децата поделени во мали групи со учители, доктори и психолози.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2019 11:37