Велосипедската федерација на Македонија на национална свеченост во Битола, ги промовира најдобрите велосипедисти и велосипедски клубови во државата во 2019 година.

Наградите на најуспешните им ги врачи претседателот на велосипедската федерација Сашо Димитријоски кој се зблагодари на битолскиот велосипедски клуб „15 Мај Пелистер" за организацијата на спортскиот настан и посочи дека велосипедизмот повторно се враќа во Битола.

–Нашите најдобри велосипедисти со репрезентативните селекции и клубови во 2019 година учествуваа и остварија добри спортски резултати на балканските првенства во друмски велосипедизам и планински велосипедизам со сите селекции. Учествувавме на Европско првенство и Светски куп во друмски велосипедизам, на меѓународни етапни трки за друмски велосипедизам и меѓународни трки во планински велосипедизам. Мило ми што сме во Битола каде ги доделуваме годишните награди заедно со битолскиот клуб „15 Мај Пелистер" и тоа е многу е значајно бидејќи велосипедизмот во вашиот град се враќа на голема врата. Оваа година беше интензивна, зедовме учество на голем број меѓународни трки, се одржаа и Лига систем натпреварите од календарот на федерацијата, а тоа е доволно за 2019 јапрогласиме како успешна година, рече меѓудругото Димитријоски.

На завршната свеченост во Битола, пехари, награди и признанија, по категории добија велосипедистите во Вело-крос мастерс-Златко Гецовски (15 Мај Пелистер), кадети-Лука Димитријоски (Спид Бајк), јуниори-Кристијан Максимовски (МВК Велес), сениори-Борислав Соларски (Цикло спорт).

Во категоријата планински велосипедизам со одличја се стекнаа Анета Антовска (Оксижен), Љубиша Кондев (Енерџи), Борис Стефановски (Крос сајклинг), Лазар Петровиќ (Оксижен), Александар Марковски (Оксижен), а за најдобра екипа во категоријата планински велосипедизам беше прогласена екипата на велосипедскиот клуб „Окисжен" од Скопје. Во категоријата младински велосипедизам У-13 најдобри велосипедисти се Христијан Атанасовски (15 Мај Пелистер), Константин Костовски (Илинден) и Филип Темелковски (15 Мај Пелистер), во категорија У-15 годинава најдобри се Даим Мухареми (Адреналин), Давид Ристовски (МВК Велес) и Андреј Маџоски од „Илинден"-Прилеп, додека најдобри екипи во развојната програма се ВК „15 Мај Пелистер"-Битола, ВК „Илинден"-Прилеп и ВК „Адреналин"-Гостивар.

Публиката во Битола поздрави и други истакнати македонски велосипедсити меѓу кои и најдобрите во друмски велосипедизам за 2019 година, а награди добија Зоран Ристовски (Вело-М) во категорија мастерс, Благој Марковски (МВК Велес)-кадети, Виктор Ванчевски (МВК-Велес)-јуниори, Никола Лефков (Вело-М)-сениори, а во екипна конкуренција најдобар е клубот МВК-Велес.

Велосипедската федерација на Македонија на битолчанецот Ристе Настевски, поранешен државен репрезентативец и член на ВК „Коле Канински", му додели посебно признание за придонес во велосипедскиот спорт.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2019 13:01