Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, во рамки на Одделот за криминалистичка полиција во координација со Отсекот за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи при СВР Штип, по претходно обезбедена судска наредба, на вчера од 16.30 до 17.40 часот во Штип изврши претрес во домот и други простории кај М.Б.(44) од Штип.

При извршениот претрес, соопштија денеска од МВР, од страна полициски службеници биле пронајдени автоматска пушка „хеклер“ калибар 9×19мм, малокалибарска пушка „симун“, пушка-карабин, пиштол „бровинг“ калибар 9 мм, револвер „гранд“ калибар 22 мм, револвер „таурус“, 1.119 парчиња куршуми, различен калибар, војнички ножеви, како и разновидна дополнителна опрема за оружјето (оптички нишан, пригушувач и друго).

Поради постоење основи на сомнение дека е сторител на кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, казниво по чл.396 од Кривичниот Законик на РСМ, М.Б. бил лишен од слобода, приведен во полициска станица, а пронајдените оружје и муниција се одземени.

По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2020 14:11