Украинскиот авион Боинг 737, што денеска се урна во Иран, при што загинаа 176 луѓе, беше нов и два дена пред несреќата ја помина последната техничка контрола, објави украинската авиокомпанија УИА.

– Авионот е произведен во 2016 година, а компанијата го презеде директно од фабрика. Авионот го помина последното редовно техничко одржување на 6 јануари 2020 година, објави УИА на Фејсбук.

Авионот полета од Техеран во шест часот и 10 минути по локално време од Техеран за Киев, а неколку минути потоа исчезна од радарите и се урна во близина на градот.

Според првичните информации од иранските власти и од Амбасадата на Украина во Техеран, авионот се урнал поради дефект на моторот. Но, подоцна Амбасадата на Украина во Иран го замени соопштението за причините за падот на авионот во Техеран, во кое се исклучуваше терористички или ракетен напад како причина за несреќата.

Во новото соопштение Амбасадата наведува дека причините за инцидентот се „разјаснуваат“, како и дека претходното соопштение за причините за несреќата „не е официјално“.

– Информациите за причините за несреќата на авионот ги појаснува комисија. Секое соопштение во врска со причините за несреќата пред одлуката на комисијата не е официјално, се истакнува во соопштението.

Во првичното соопштение објавено на сајтот на Амбасадата, кое е повлечено, се отфрла терористички напад како можна причина за падот, со образложение дека првичните информации укажуваат на дефект на моторот.

– Авионот полетал од меѓународниот аеродром „Имам Хомеини“ во иранската престолнина кога еден од моторите се запалил, изјави портпаролот на иранската служба за транспорт, Касем Биниаз.

Авионот се урна само неколку часа откако Иран изврши ракетен напад врз две бази во Ирак каде се сместени американските сили, во знак на одмазда за убиството на иранскиот генерал Касим Сулајмани.

Две црни кутии се пронајдени на местото на несреќата, но директорот на Иранската организација за цивилно воздухопловство Али Абеџедех изјави дека тие нема да бидат предадени на производителот на авиони Боинг.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2020 21:55