Домаќинствата во Европска Унија трошат повеќе од 600 милијарди евра на угостителските услуги во рестораните, кафулињата, кантините што е околу 3,8 отсто од бруто домашниот производ на ЕУ.

– Трошоците за угостителските услуги претставуваат седум отсто од расходите на домаќинствата во 2018 година, објави Евростат.

Најголем удел во расходот за угостителските услуги забележен е во Ирска (14,4 отсто), а потоа следат Шпанија, Малта и Грција, исто така со двоцифрен удел.

Од друга страна, издвојувањата за угостителски услуги биле најниски во Романија со 1,9 отсто од вкупна потрошувачка во домаќинството, Полска со три отсто и Литванија 3,4 отсто.

Помеѓу 2008 и 2018 година уделот за трошење на услугите во вкупната потрошувачка на домаќинствата се зголемил во повеќе земји членки, а најмногу во Малта од 4,4 проценти, на 12,6 отсто. Потоа следи Ирска со раст од 2,9 процентни поени и Унгарија со 2,5 отсто.

Истовремено уделот за трошоци за угостителски услуги во вкупната потрошувачка во домаќинствата во истиот период падна во четири земји членки, во Романија за еден процентен поен, а во Шпанија, Словачка и Британија за нешто помалку од тоа.

Податоците на Евростат покажуваат дека во Луксембург потрошувачката стагнира.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2020 22:18