Три пожари се бележат изминативе 24 часа на подрачјето кое го покрива тетовската пожарна. Оттаму велат дека и понатаму периодов најчести се пожарите на неисчистени оџаци или вентилациски системи.

-Првиот пожар вчера наутро беше во куќа во Непроштено поради неисчистен оџак. За среќа оштетена е само покуќнината во внатрешноста без поголема штета. Околу 21 часот беше интервенирано во занаетчиски дуќан на улицата „Борче Кочовски" во Тетово. Во 22 часот, пожар се гасеше на возило „пежо 206" во населбата Поток, информира Ука Алити, командант на тетовската пожарна.

Иако постојано се апелира, сепак, најчесто овој зимски период има пожари во неисчистени оџаци.

-Од досегашното искуството, најзагрижувачки се пожарите во повеќекатните згради, каде е најтешко да се интервенира. Воедно најбрзо може да се рашири огнот. Сме имале негативно искуство и во новите згради каде имаат само една цевка за вентилациските системи, кои служат за отстранување на пареа од купатилата или чад од кујните. Во еден стан се запали приклучокот, па се запали главната и единствена вентилациска цевка, вели Алити.

Во сите три пожари изминатиот ден, како и од почетокот на годината, за среќа, нема повредени лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2020 13:27