Македонскиот документарен филм „Медена земја“ од страна на Американската филмска академија е номиниран за „Оскар“ во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
– Ова е прв пат во историјата на „Оскарите“, документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документарниот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот, напиша тимот на „Медена земја“ на нивниот Фејсбук профил.
Екипата на филмот наведе дека ова претставува големо достигнување на филмот.
– Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но, уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно, истакнаа тие.
Меѓу петте номинирани за најдобар документарец покрај „Медена земја“ се и „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Доба на демократија“ и „За Сама“, а за најдобар странски филм номинирани се и „Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.
„Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е еден од најнаградуваните македонски филмови досега. Тој во декември освои награда за најдобра кинематографија на Меѓународните документарни награди, најпрестижниот светски настан посветен на овој жанр во Лос Анџелес. „Медена земја“ се закити и со наградата „Паре Лоренц“ за „пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина“.
Според режисерот Стефанов, филмот не е само за пчелите и медот, туку и за зголемените еколошки проблеми во светот.
– Проблемот што го адресира филмот е прекумерното искористување на природите ресурси, изјави Стефанов за Гласот на Америка.
Доделувањето на наградите „Оскар“ е на 9 февруари 2020 година.
Ова е првпат еден македонски филм да биде номиниран за „Оскар“ во две категории. Досега, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше единствениот македонски филм од независноста на државата кој доби номинација за „Оскар“ во 1995 година, а номиниран за „Оскар“ во поранешна Југославија, беше и документарниот филм на Столе Попов – „ДАЕ“ во 1979 година.