Ги измамил дека ќе одржува семинар во нивниот објект и ги оштетил со 20 илјади денари. Вакво нешто им се случило на сопственици на репрезентативен објект во Кавадарци. Случајот за МИА го потврдија и од МВР.

Според сопственичката на објектот, со нив преку телефон, вибер и мејл контактирало лице кое се претставило како менаџер на позната компанија од југот на државата.

– За организирање семинар, побара да обезбедиме сместување за 21 лице од Кина за четири дена и оброци, бифтек, пастрмки, виски и друго. Ни се виде сериозен откако по негова нарачка во објектот беа донесени цветни аранжмани од цвеќарница но и озвучување со микрофони. Не се посомневавме кога рече треба да се земат подароци за гостите од Куманово, пратете 20 илјади денари по такси да ги земе, вечер ќе ви ги вратам, рече сопственичката на објектот.

Кога таксистот рече дека парите ги земал низок човек со брада но не се вратил со подароци, ни беше јасно дека сме жртви на измама, откри кавадарчанката за МИА.

Отпосле дознале дека тие не се единствените жртви на истиот измамник.

– Не ни е толку за парите, колку за организацијата за која потрошивме и време и ангажман. Пријавивме, за да го фатат и да не горат и други луѓе. Цвеќарата си го зеде цвеќето назад, озвучувањето беше повлечено, тие исто така беа измамени, ама барем немаат штета, додаде кавадарчанката.

Случајот го пријавиле во полиција.

– На 15.01.2020 во ОВР Кавадарци од страна на правно лице од Кавадарци е поднесена пријава дека на 12.01.2020 сопственикот добил телефонски повик од лице кое се претставило како Г.К., претставник од фирма од југот на државата, со цел да закаже одржување семинар за повеќе странски инвеститори кои би престојувале неколку дена во објект. Според пријавеното, подоцна Г.К. испратил такси возило од такси компанија од Кавадарци и побарал услуга од сопственикот да му даде 20.000 денари, за таксистот да ги однесе во Куманово, од каде требало да се набават подароци за гостите, а потоа тој да му ги врати парите. Парите, според пријавата, биле дадени на таксистот, кој ги предал на едно лице во Куманово, но Г.К. веќе не бил достапен на телефонскиот број, рекоа за МИА од МВР.

Се работи на расчистување на случајот.

Претходно, во текот на денов МИА информираше дека истиот измамник измамил и такси компанија од Кавадарци и ја оштетил со 18.000 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2020 14:51