Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против 47-годишен жител на Студеничани за кривично дело „тешка кражба“.

Обвинетиот на 14 септември 2019 година на булеварот АСНОМ во Скопје го скршил задното десно стакло од паркиран автомобил Бе-Ем-Ве Х6 и одзел туѓи подвижни предмети: чанта вредна 3.000 денари, лап топ во вредност од 30.000 денари, ваучер од 2.000 денари, нотес и лични документи.

– Јавниот обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје да ја продолжи претходно определената мерка притвор, бидејќи постои опасност од бегство на обвинетиот, а особено затоа што се работи за лице кое и претходно е осудувано за исто кривично дело и против кое се водат и други постапки за дела од имотен карактер на подрачјето на градот Охрид, информираат од ОЈО.

Обвинетиот се товари за кривично дело „тешка кражба“ од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2020 15:41