Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка за едно лице осомничено дека се обидело да изврши кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

Како што соопшти ЈОРМ, на 30 август 2019 година, осомничениот пред кафе бар на влезот во селото Арнакија со умисла се обидел да лиши од живот едно лице.

-Имено, осомничениот заедно со уште едно лице застанале со автомобил фолксваген голф на автобуската станица во селото и започнале вербална расправија со трето лице – сведок. Двајцата излегле од возилото држејќи огнено оружје – пиштоли во рацете, по што сведокот започнал да бега. Оштетениот го видел настанот и се обидел да ја смири ситуацијата, повикувајќи ги да застанат. На ова, осомничениот испукал кон оштетениот 3-4 проектили од пиштолот со калибар 6,35мм и му нанел три огнострелни повреди. Оштетениот започнал да бега, а осомничениот се впуштил кон него и испукал уште неколку проектили, но не успеал да го погоди. Откако на местото веднаш се собрале и поголем број други луѓе, двајцата вооружени побегнале. По настанот, сега осомничениот повеќе од четири месеци бил недостапен за органите на прогонот, се наведува во соопштението.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да го повтори или да го доврши обиденото кривично дело, како и да влијае врз сведоците во постапката, јавниот обвинител, се посочува, до судијата на претходна постапка доставил и Предлог за определување мерка притвор.​



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2020 22:34