Светскиот рекет број 1 Ешли Барти ја освои својата прва титула во кариерата на домашен терен, откако ја победи Дајана Јастремска во финалето на турнирот во Аделаида со 6-2, 7-5 за околу час и половина.

Австралијката заврши со 15 винери, додека Јастремска направи 31 неизнудени грешки. Барти сега води со 2-0 во директните дуели, откако минатата година ја победи тенисерката од Украина во Мајами. Покрај трофејот, таа го обезбеди и своето прво место на ранг-листата пред почетокот на Австралија опен, каде во првата рунда ја чека Лесија Цуренко.

Кај мажите, Андреј Рублев го продолжи својот прекрасен настап од почетокот на сезоната и ја освои втората титула, откако го победи Лојд Харис без проблем во финалето во Аделаида по 6-3, 6-0 за помалку од еден час игра.

Рублев го стартува својот поход на Австралија опен против Кристофер О’Конел, кој доби „вајлд карта“, а во следните рунди може да се соочи со Давид Гофен и Александар Зверев.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2020 16:25