Германскиот тенисер, Александар Зверев најави дека се што ќе освои како парична награда на Австралија опен ќе донира за жртвите од пожарите. Тој во првото коло го елиминира Италијанецот Марко Чекинато со 6:4, 7:6, 6:3, а пред почетокот на гренд слемот најави дека ќе издвои по 10.000 долари од секој триумф во Мелбурн.

Но, влогот го подигна и истакна дека ќе се откаже од 2,84 милиони долари, колку што изнесува наградата за шампонот, во случај да ја освои титулата. Ако дојде до реализација, тоа ќе претставува најголема индивидуална донација во тенискиот свет.

„Јасно е дека имам повеќе среча од некои други луѓе. Секој цент може да биде од помош за австралискиот народ, за австралиските животни и генерално за природата. И да го освојам турнирот пак ќе бидам најсреќен човек. Мислам дека тие пари ќе бидат од поголема корист на оние кои знаат што да направат со нив, а знаат како да помогнат и на другите“, рече Зверев по победата над Чекинато.

Негов нареден противник во Мелбурн е Белорусинот Егор Герасимов.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2020 22:22