Пет возрасни и две малолетни лица, сите од Турција, се приведени ноќеска во 01:50 часот зашто при контрола се претставиле како израелски државјани и приложиле израелски патни исправи. Лицата, како што соопшти МВР, се пресретнати на бензинска пумпа во близина на граничниот премин „Долно Блаце“. Станува збор за К.С. (20), К.С. (46), Ј.М.М. (42), Н.Т. (46) и А.С. (27). И тие и децата се предадени во Одделението за прекуграничен криминал, мигрaции, странци и реадмисија, за натамошна постапка.

Полицијата информира и дека ноќеска од слобода е лишен Т.С. (68) од село Богородица откако во неговото возило се пронајдени две лица од Турција со фалсификувани влезни и излезни печати. Се работи за Е.К. (35) и А.И. (25) кои сториле кривично дело „фалсификување исправа“. Според МВР, Т.С. ги превезувал Е.К. (35) и А.И. во патничко возило „мерцедес“ со гевгелиски регистарски ознаки по автопатот А1 – клучка Миравци. Полицијата го привела во 01:00 часот по полноќ, а лицата се предадени во Полициската станица – Гевгелија за натамошна постапка.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2020 14:24